Снегот им донесе бериќет на туристичките работници во зимските ски-центри во Македонија. Тие тријат раце и велат дека годинава ќе биде многу поуспешна од лани, бидејќи во просек за 30 отсто е зголемен бројот на ноќевањата. Од општината Маврово-Ростуше потврдуваат дека ски-сезоната годинава ќе биде далеку поуспешна од ланската. Тие информацијата ја поткрепуваат со податокот дека нивните инспектори кои се задолжени да ја регистрираат туристичката такса што туристите ја плаќаат при престој во некој од хотелите во Мавровскиот регион, забележале дека годинава таа е поголема од лани. Хотелиерите, пак, информираат дека годинава покрај домашните гости има и од соседните земји и тоа најмногу од Албанија, Србија и Бугарија. Еднокреветна соба чини 70 евра, а двокреветна 50 евра. Делукс собите кои се опремени со џакузи се поскапи. Така, за еднокреветна соба се наплаќа по 80 евра, додека за двокреветна 60 евра. За деца до 8 години престојот е бесплатен, додека деца од 8 до 12 години плаќаат 50% од износот на цената.
Снегот им донесе бериќет на туристичките работници во зимските ски-центри во Македонија.
Тие тријат раце и велат дека годинава ќе биде многу поуспешна од лани, бидејќи во просек за 30 отсто е зголемен бројот на ноќевањата.
Од општината Маврово-Ростуше потврдуваат дека ски-сезоната годинава ќе биде далеку поуспешна од ланската. Тие информацијата ја поткрепуваат со податокот дека нивните инспектори кои се задолжени да ја регистрираат туристичката такса што туристите ја плаќаат при престој во некој од хотелите во Мавровскиот регион, забележале дека годинава таа е поголема од лани.
Хотелиерите, пак, информираат дека годинава покрај домашните гости има и од соседните земји и тоа најмногу од Албанија, Србија и Бугарија.
- Еднокреветна соба чини 70 евра, а двокреветна 50 евра. Делукс собите кои се опремени со џакузи се поскапи. Така, за еднокреветна соба се наплаќа по 80 евра, додека за двокреветна 60 евра. За деца до 8 години престојот е бесплатен, додека деца од 8 до 12 години плаќаат 50% од износот на цената - велат од рецепцијата на хотелот "Бистра". Целодневната ски-карта во овој наш туристички центар чини 1.100 денари. И Попова Шапка може да се пофали со добра туристичка понуда. Од хотелот "Славија" ни рекоа дека им е пополнет капацитетот и дека треба гостите однапред да се јават за да може на нивно име да си резервираат соба и да уживаат во зимските рекреативни спортови.
- Ноќевање со појадок чини 1.220 денари. За деца до 6 години е бесплатно, а од 6 до 12 години плаќаат половина цена - вели вработен во "Славија" и додава дека иста е цената и за хотелот "Попова Шапка". Според него дневниот ски-билет чини 900 денари, а сезонскиот билет 10.000 денари.
На ски-центарот Кожуф снежната покривка постојано се зголемува, а според нејзиниот директор Ангел Наков во следните денови се очекуваат дополнителни 80 сантиметри снег. Патот кон Кожуф засега е прооден, иако деновиве од Гевгелија до месноста Смрдлива Вода паѓал леден дожд кој го заледувал коловозот. Наков информира дека од јануари досега се потрошени над 60 илјади евра за чистење на снегот од патот кон ски-центарот.
Снегот е добродојден и во соседството. Токму затоа и туристичките работници од Бугарија и Србија се фалат со одлична туристичка сезона. Според нив бројот на туристите во туристичките центри во Бугарија е зголемен за 30% во просек во однос на минатата година. Според податоците на бугарските хотелиери најголем раст на туристите е регистриран од соседните земји и тоа од Србија, Романија, Македонија, Грција и Турција за околу 35%, а зголемен е и интересот на туристите од Германија, Велика Британија и Шведска.
Туристи во изобилство има и во зимските центри во Србија. Како што информираше за Танјуг државниот секретар во Министерството за економија и регионален развој на Србија, Горан Петковиќ, во скијачките центри во земјата се бара место повеќе, а само на Копаоник до крајот на јануари престојувале 30% повеќе посетители од лани, а на Златибор 20% повеќе. На Копаоник деновиве има околу два метри снег, а покрај традиционалните гости од Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина и Република Српска има во значителен број и гости од Романија, Русија, Албанија и Велика Британија.